Magnetik DooelComment

Успешни жени: Интервју со Јасминка Аневска

Magnetik DooelComment
Успешни жени: Интервју со Јасминка Аневска

Секоја жена носи различна приказна во себе и во тие приказни сите имаат нешто заедничко. Тие се искрени, јасни, силни и истрајни. Стожер врз кој почива се и околу кој се се врти. Вечна инспирација и емоција.

Токму зошто жените се движечка сила во општеството ние решивме да одвоиме простор за да ви претставиме само еден дел од  #успешнитежени кај нас. Тие се мајки, сопруги, лекарки, професорки, менаџерки, а пред се столб на домот.

Една од многуте успешни жени, која прва ја издвојуваме, е Јасминка Аневска. Во моментот кога ќе се спомне Телма телевизија или вестите на Телма можеби едно од првите лица кои ви доаѓа на ум е токму нејзиното.

Прекрасна, насмеана и полна со позитивна енергија Јасминка ни ги одговори прашањата за нејзината дефиниција за успех, среќа и стил.

Погледнете ја фотосесијата и прочитајте ги темите за кои разговаравме.

Дипломиравте новинарство, а во моментов ги водите вестите на Телма. Што ве привлече да ја одберете точно оваа професија? Може ли накратко да ни кажете како стигнавте до онаму каде што сте сега?

Кога имав 18 години се уште не бев сигурна што сакам да работам во животот. По размислувањата и по некои измени во тогашниот високообразовен систем, се запишав на студиите по новинарство на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”.
Зад мене имам 19 години работа во телевизија, сум работела во 5 телевизии, исто така и во неколку проекти кои за жал не профункционираа и кога гледам назад, можам да заклучам дека и немав некои тешкотии. Имав и случаи кога проекти пропаѓаа и мораше одново да се почне и да се најде работа. Но, кога постои желба да се постигне нешто, веројатно ништо не изгледа тешко и недостижно.

Што е она што според вас во современиот живот го дефинира успехот?
 

Порано успехот се дефинираше преку степенот до кој напреднала кариерата, материјалното богатство, општествениот статус. Но, новите и современи текови веќе признаваат дека еден човек може да се смета за успешен во животот само ако има и успешен личен живот. Поточно, ако успее да воспостави рамнотежа меѓу работата и приватниот живот.

 

Имате успешна водителска кариера во МРТВ, Сител, Алфта Тв, Телма, сте имале искуство на работа во различни телевизии. Од каде би рекле дека имате најубави спомени? На која животна лекција ве научило ваквото искуство?
 

Се разбира дека од секаде имам убави спомени! Секоја телевизија во која сум била ја поврзувам со тој период од животот и со случувањата тогаш и секогаш ми е драго да се присетам.На што ме научи...дека се поминува во животот. И дека треба во се да се ужива додека трае. Да не се протрчува, туку вистински да се живее. Ниеден ден што поминал не може да се врати.
 

Ве знаеме како водителка која секогаш изгледа совршено и беспрекорно. Која е Јасминка кога не е на телевизија? Дали се сложувате дека убавината кај еден човек доаѓа и од среќата која ја чувствува?  Што вас ве прави среќна?
 

Приватно не се појавувам многу во јавноста, повеќе шетам така, локално, и не се трудам да изгледам секогаш во тон.  И се разбира дека среќата не прави убави, тоа важи за секого. Ниеден стилист тоа не може да ви го даде ако не го зрачите сами. Мене ме прават среќна сосема мали работи, и големи секако, но ако уживате во малите, тогаш е најдобро, бидејќи нив ги има безброј секој ден.

 

Вие сте една успешна но и модерна жена. Како би го опишале вашиот стил?Дали вашиот личен стил е одраз на вашиот карактер и естетика? Кое е вашето омилено парче?
 

Веројатно тоа што се нарекува спортска елеганција. Најдобро се чувствувам кога носам фармерки и сако. И претпоставувам дека е израз на мојот карактер, не сакам да одам во крајности. Не е крајно елегантно ниту крајно неформално и спортско, некоја средина која е прифатлива за во поголемиот број пригоди, а сепак да се чувствувате комотно. Моментално омилено парче ми е новиот џемпер од Gerry Weber, тој во кој сум фотографирана, а исто така и сафари фустанот на Gerry Weber од пред неколку сезони, кој практично е безвременски.

Сметате ли дека за жените е потешко да имаат успешна кариера и приватен живот?
 

Да. Ако дома се е оставено на жената, тешко може да се вложи посилно во професијата. Или ќе се вложи, ама ќе биде хронично исцрпена. Поддржувач сум на партнерски и фер односи во семејството.

Облека: Gerry Weber

Фотографии: Елена Фиданска